Дисциплинската комисија на Италијанскиот фудбалски сојуз им изрече денеска суспензија во траење од еден натпревар на напаѓачите на Милан и на Интер, Златан Ибрахимовиќ и Ромелу Лукаку, поради инцидентот што се случи минатиот викенд во дуелот на градските ривали од Милано во рамки на националниот куп.

Ибрахимовиќ и Лукаку влегоа во вербален конфликт пред крајот на првиот дел, а двајцата фудбалери продолжија со размена на навредливи зборови и по завршување на полувремето на пат кон соблекувалните.

Италијанските медиуми следниот ден објавија дека Ибрахимовиќ го навредувал Лукаку на расна основа, што шведскиот напаѓач веднаш го демантираше преку социјалните мрежи.

Телевизијата Скај Италија“ јави попладнево дека италијанските обвинители би можеле да отворат истрага за наводна дискриминација, бидејќи сè уште не го добиле извештајот на судијата од натпреварот со изјавите на двајцата фудбалери во врска со инцидентот.