На денешната изјава за медиуми, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“, Антонијо Милошоски беше прашан неколку прашања за актуелните теми во Македонија.

Првото прашање на медиумите се однесуваше за вакцините против КОВИД-19 кои се уште никако да пристигнат во државата.

„Според мене процесот на вакцинирање минатата година започна во Србија, Грција, Бугарија, Албанија и многу европски држави. Колку подоцна започнува вакцинирањето, толку поголеми се штетите за здравјето на граѓаните и толку поголеми се штетите за економијата. Македонија за жал заедно со Косово е последната земја која не го започнала процесот на вакцинирање и со тоа здравјето и економијата трпат штети и мислам дека неспособноста на министерот за здравство е дел од одговорот на ова прашање“, нагласи Милошоски.

Второто прашање беше во врска јавната дебата за концептот за образование.

„Има две страни, едната е ароганцијата на Мила Царовска и другата е ставот на ПМФ, МАНУ, на педагозите, студентите и наставниците во основните училишта. Нашето мислење е дека ставот на овие реномирани институции како што се МАНУ, ПМФ, како што се другите факултети имаат поголемо право отколку ароганцијата на министерката и сметаме дека е добро да ги послуша аргументите на овие умни луѓе, да направи компромис и да не го наметнува овој непроверен експеримент во образованието“, истакна Милошоски.