Македонските фудбалски надежи на гостински терен ќе ја играат првата фаза од квалификациите за пласман на европските првенства во кадетска и младинска конкуренција, одлучи Европската фудбалска асоцијација (УЕФА).
Македонската репрезентација до 19 години во квалификациската група 7 ќе ја игра во Албанија, против репрезентациите на домаќинот, Франција и Србија, од 10 до 16 ноември.
Двете првопласирани и една третопласирана репрезентација со најдобар ефект во сите 13 групи ќе обезбедат пласман во елитната квалификациска рунда за Европското првенство 2022 година во Словачка.
Македонската кадетска репрезентација до 17 години квалификациите за пласман на Европското првенство 2022 година во Израел ќе ги започне во Република Ирска, каде, покрај домаќинот, противници се и репрезентациите на Полска и Андора.
Терминот на одигрување на мечевите од квалификациската група 5 ќе биде дополнително прецизиран, а пласман во елитната рунда ќе обезбедат двете првопласиран екипи, како и уште четири третопласирани репрезентации со најдобар ефект во 13. квалификациски групи.