Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски на вечерашното гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ што се емитува на телевизија Алфа се осврна на актуелната политичка ситуација во земјава. Според него конкретно премиерот Зоран Заев е изолиран и нема средби со високи европски, светски претставници, и укажа дека истото се должи на водењето лоши политики од владата и високиот степен на корупција.
„Од отворање на аферата „Рекет“ има ситуација во која може да се каже дека премиерот Зоран Заев немал средби со високи светски претставници. Долг период, најмалку од една година Заев се нема сретнато со висок претставник, а знаеме дека претходно многумина од нив беа во Македонија“, рече Петрушевски.
Пратеникот Петрушевски говореше и за фактот што иако Македонија е членка на Алијансата, министрите не можат да добијат сертификати од НАТО.
„Неодамна кажав дека тоа е случај со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и министерот за правда, Бојан Маричиќ. Сертификат не може добиеш од две причини, првиот ако си соработник со странски служби кои не се на линија на НАТО и вториот е корупција или учество на висок функционер во корупција. Македонија е членка на НАТО, а првиот човек на полицијата нема НАТО сертификат, значи тој нема кредибилитет за да му се даде сертификатот врз основа на кој се има увид во податоци на НАТО. Во нормална демократска држава за тоа еден министер веднаш дава оставка. Овде сме сведоци на релативизирање, и јас повторно ги прашувам зошто немаат сертификати, дали затоа што едниот е вмешан во корупција, а другиот затоа што е соработник на една странска служба“, рече Петрушевски.
Пратеникот укажа дека очекувал премиерот Заев да побара оставки од овие министри кои не можат да добијат НАТО сертификати, бидејќи тоа е пракса во секоја демократска држава.
Петрушевски се осврна и на низа несоодветни кадри кои се бараат за одредени институции, односно на политизација на државните институции.
„Владата не бара соодветни кадри за одредена ситуација, туку Владата го гледа човекот па врз тој основ објавува оглас. Очекувам во огласите да се бара и одреден број на чевли. Оттука факт е дека се врши масовна политизација. Скандалозен е изборот на државен правобранител, тој е политичка фигура беше кандидат за премиер и сега тој што треба да ги штити човековите права е политички контаминирана личност“, рече Петрушевски.