Реакции на социјалните мрежи предизвика објавената листа со предлог имиња на улици во главниот град од страна Град Скопје.
На својот фејсбук профил со коментар излезе и портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски, кој вели дека е мизерија тоа што на листата ги нема Зоран Џорлев, Гоце Арнаудов и Војо Стојановски.
- За Квин (Queen), Дејвид Боуви и пола странски патриоти има улици, ама за Зоран Џорлев, Гоце Арнаудов, Војо Стојановски и покојните препознатливи со своите гласови Бранка Станковска и Таска Балабанова нема улици.
Зошто? Затоа што вториве беа МАКЕДОНЦИ со големо ‘М’? (Со должна почит кон делата на Квин и Боуви)
Или затоа што, вие господа од СДСМ сте МИЗЕРИИ со големо ‘М’?
Верувајте, за овие луѓе што ги споменав и многу други, неправдите ќе бидат исправени во иднина!, коментира Арсовски.
Инаку на листата од Град Скопје од македонските личности доминираат учесници од НОБ и функционери на КПЈ (Комунистичката партија на Југославија) додека на истата речиси и да нема илинденци, а во истата може да се види дека како предлог е ставен и припадникот на ОНА Имри Елези за кого во листата на Град Скопје пишува дека бил хуманист и патриот. Елези бил поранешен припадник на ОНА кој во 2001 година бил убиен од македонските безбедносни сили за време на војната во нашата земја, а неговото име го носи и училиште во Чаир кое незаконско беше преименувано од Никола Вапцаров.