Поранешниот прославен француски репрезентативец Тјери Анри отстапи од должноста тренер на членот на американската МЛС лига Монтреал од „семејни причини“.

Одлуката на Анри оди во прилог на информациите што неодамна се појавија во дел од британскиот печат дека најдобриот стрелец во историја на лондонски Арсенал ќе се врати во Англија за да стане нов тренер на актуелниот второлигаш Бурнмаут.

-Со тешко срце ја донесов оваа одлука. Минатата година за мене беше исклучително тешка, бидејќи поради пандемијата долго време не можев да ги видам своите деца. Имајќи предвид дека поради тоа што ограничувањата сè уште се на сила и поради нив повторно би морал да се преселам во САД на неколку месеци, ниту следната година нема да биде ништо поразлична. Толку долго оддалечен од семејство е претешко за мене и моите деца. Затоа со голема тага одлучив да ја напуштам екипата на Монтреал и да се вратам во Лондон, изјави Анри.

Французинот, кој како фудбалер настапуваше за Арсенал од 1999 до 2007 година, и испиша историја во клубот како најдобар стрелец на сите времиња со 228 голови во сите натпреварувања, седна на клупата на Монтреал во ноември 2019 година. Под негово водство, Монтреал на 23 натпревари забележа осум победи, две нерешени и 13 порази.