Денеска ја доставив мојата кандидатура за претседател на СДСМ – Социјалдемократски сојуз на Македонија, објави Зоран Заев, лидерот на оваа партија и премиер на својот фејсбук профил.. -Пред членовите на партијата излегувам сo Програма: Нова политика – СДСМ прв во промените! Ја барам поддршка за нов мандат како претседател, на првите директни внатрепартиски избори што ќе се одржат на 21 март, напиша Заев.
Додава во објавата дека доколку ја добие доверата, со својот нов мандат, најавува досега најголема политичка акција за промена на начинот на функционирање и менталитетот на политичките партии во нашата земја, почнувајќи токму од СДСМ.
-Нова политика – Пролетна офанзива за нов пресврт во политичкото делување на #СДСМ и Република Северна Македонија, наведува Заев на фејсбук.
Како што пренесоа пак дел од медиумите, до 16 часот, само актуелниот лидер на СДСМ Зоран Заев, поднел кандидатура за нов мандат како претседател на партијата, на внатрепартиските избори кои ќе се одржат на 21 март.
Оттука се поставува прашањето дали долго најавуваниот конгрес на кој за прв пат ќе биде воведен принципот со гласање на членството е само „глумење“ демократија бидејќи Заев нема да има против кандидат па делегатите нема да имаат избор за кого да гласаат или пак согласно политичката ситуација во Република Македонија и се понеизвесното останување на власт, никој од партиските и државни функционери не сака да биде на чело на СДСМ?