Вечерва пратеникот Иван Јорданов, од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ гостуваше во емисијата „Што не е јасно“ на телевизија Алфа. При своето гостување истакна дека додека Македонија се соочува со здравствена и економска криза, власта се дрзнува по скратена постапка да го протурка Законот за попис, со цел да во април да има политичка операција, наместо статистичка.

„Целиот процес кој што започна со носењето на овој криминален Закон како што го насловивме ние, започна во еден период кога многу држави поразвиени од Република Македонија одлучија да го одложат пописот и да се соочат со реалноста, а тоа е пандемијата, здравствената и економска криза. Но, кај нас некако власта како и другите процеси во државата кои што во минатото гледавме на кој начин ги практикуваа и ги носеа, во однос на вакво прашање суштинско, комплексно прашање власта се одлучи на сила по скратена постапка во собраниска процедура да го протурнат“, рече Јорданов.

Јорданов додаде дека во време кога илјадници наши сограѓани ги губат своите работни места, во време кога илјадници наши сограѓани ги загубија своите животи, илјадници семејства се зацрнија, власта тогаш се дрзнува да се одлучи на еден ваков процес кој што нема да донесе ништо добро во државата.

„Да не оставиме впечаток дека ние ги кочиме процесите во Република Македонија и дека ние само нудиме критика, дадовме предлог до власта, за тоа што објективно Македонија има капацитет да спроведе електронски попис заради електронскиот регистар кој што 2015-тата година до денес е имплементиран, и претставува регистар кој што ги содржи податоците од база на податоци од институциите во Република Македонија. Знаете граѓаните во текот на функционирањето на живеењето во Република Македонија секојдневно оставаат податоци во низа институции дали е тоа во ФЗОМ, Фонд за пензиско, во банка, во низа други институции кои што преку вкрстување на податоците од овие бази можеме точно да утврдиме кои луѓе живеат во Република Македонија и кои луѓе се резиденти“, рече Јорданов.

Јорданов додаде дека и тој предлог власта го одби, одби електронски попис.

„Заедно со народот отпочнавме иницијатива за собирање на потписи. Иницијативата за собирање на потписи е она кое што го рефлектира мислењето на граѓаните во Република Македонија. Интересот за она што ние го отпочнавме верувајте од ден на ден е се поголем. И тоа го кажуваат и самите бројки, кои што се движат некаде околу стотина илјади“, рече Јорданов.

Јорданов додаде дека тоа се околу 100.000 семејства кои што се против дивеењето на власта со Законот за попис. Тоа се стотина илјада семејства кои што се загрижени од тоа во која насока се движи Република Македонија со оваа ненародна власт.

„Ние како парламентарна група, како пратеничка група можеме да предложиме измени, можеме да предложиме закон со кој што бараме да се стопира веќе постоечкиот Закон во Собранието и без овие потписи, но сакаме да презентираме пред сите чинители во општественото живеење во Република Македонија дека ова не го зборуваме од политички побуди, не го зборуваме ова за тоа што на ВМРО-ДПМНЕ му одговора да во Република Македонија во овој момент да нема попис, туку затоа што тоа е она кое што го чувствуваат граѓаните. И тоа се рефлектира преку овие потписи кои што секојдневно ги даваат и јас сум убеден дека бројката од ден во ден се повеќе и повеќе ќе се зголемува“, истакна Јорданов.

Јорданов посочи дека овој процес на собирање потписи беше планирано да се одвива неколку недели. А, подоцна со поднесувањето на законот ќе се докаже дека не е само ВМРО-ДПМНЕ против пописот, туку и самите граѓани.

„Во оваа изборна година сигурно знаеме дека ќе имаме локални избори, но посакувам да има и предвремени парламентарни избори, бидејќи не оди на добро целата состојба во државата. Треба да се случат предвремени парламентарни избори за да се стави крај на овие понижувања кои што ние како народ ги доживуваме“, истакна Јорданов.

Јорданов додаде дека не треба да се потценува интелигенцијата на македонскиот народ.