Гувернерот на американската сојузна држава Калифорнија, Гевин Њусом најави можност за враќање на публиката на стадионите во професионалната безбол лига (МЛБ) кога во април ќе стартува новата сезона.
-Работиме на завршните детали. Тесно соработуваме со раководството на МЛБ и останатите од целиот сектор, изјави првиот човек на Калифорнија.
Стадионите во оваа американска држава во текот на целата 2020 година беа затворени поради пандемијата на коронавирус, а Њусом и локалните здравствени власти долго говореа дека масовните собири, како што се спортските настани, ќе бидат меѓу последните што ќе се вратат во нормала.
Сега тоа би можело да се промени, а ваквите најави ги поздравија и фудбалските екипи ЛА Галакси и Лос Анџелес, спроти стартот на новата фудбалска сезона во МЛС на 17 април.
-Се надеваме дека ќе можеме делумно да го отвориме нашиот стадион, изјави портпаролката на Галакси, Вики Меркадо за весникот „Лос Анџелес Тајмс“.