Македонската футсал репрезентација утре против Србија од 19 часот во салата „Јане Сандански“ во Скопје го игра можеби најважниот натпревар во квалификациите за пласман на Европското првенство.

По минатонеделното реми 1:1 на првиот натпревар против српската репрезентација, македонскиот состав ќе се обиде вторпат да го изненади силниот противник и да направи голем чекор кон пласман на континенталниот шампионат.

Селекторот Васко Скендеровски оцени дека со добра тактичка подготвеност и максимална пожртвуваност „црвено-жолтите“ можат да стигнат со позитивен резултат.

– После одличниот резултат остварен во Врање, не очекува можеби најважниот меч во нашата футсал историја. Со победа речиси ќе бидеме пласирани на Европското првенство во Холандија. Но, како што реков и пред натпреварот во Србија и на овој меч мора да влеземе со ладна глава и со добра, пред сè тактичка поставеност на играта да го надмудриме поквалитетниот и посилен противник од нас. Се надевам дека со голема борбеност и пожртвуваност ќе успееме по втор пат да го изненадиме најголемиот фаворит во нашата група и ќе ги израдуваме сите љубители на футсалот во Македонија, изјави селекторот Скендеровски.

Натурализираниот Бразилец со македонски пасош, поради повреда, ќе го пропушти и реванш натпреварот против Србија, но добра вест за Скендеровски е враќањето во тимот на искусниот капитен Дарко Ранготов.

По три одиграни натпревари во четвртата квалификациска група, македонските футсалци се на третото место на табелата со два бодови, колку што имаат и Романија, на второто, и Србија, на четвртото место, додека лидерот Босна и Херцеговина досега освои максимални девет бодови.