Поранешниот технички министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, на својот фејсбук профил излезе со коментар во врска со набавката за софтвер на МВР, набавен од страна на Генералниот секретаријат и Драги Рашковски а кој МВР не го користи.

- Почитувани граѓани, во врска со случајот за набавка на софтвер за детектирање на сообраќајни прекршоци, со оглед дека беше споменато и Министерството за внатрешни работи во периодот кога раководев со истото, а со цел прецизирање на работите и утврдување на вистинската фактичка состојба, сакам да ја информирам јавноста за следното:

Во периодот додека ја извршував функцијата министер за внатрешни работи во ниту еден момент не бев информиран дека Генералниот секретеријат на Владата извршил набавка на софтвер за детектирање на сообраќајни прекршоци, ниту пак е побарано од МВР спецификација за набавка на ваков софтвер, проблематика која е единствено во делокругот на надлежности на МВР, а не на други институции. Никаков софтвер не е примен во МВР во периодот додека бев министер. Уште повеќе, никогаш на Влада или на било каква владина работна група не е дискутирано или имало било каква координација за законски промени со цел примена на наведениот софтвер.

Ниту тогашниот премиер, ниту генералниот секретар или било кој друг не ме информирале дека ваков софтвер е набавен. Не ми е јасно зошто Генералниот секретаријат спровел набавка на вакво софтверско решение, со оглед дека Министерството за внатрешни работи, раководено од тогашниот министер, Оливер Спасовски, во истиот период спроведува постапка за набавка на хардверско и софтверско надградување на проектот "Безбеден град", кое вклучува и софтвер за сообраќајни прекршоци, посебно ако се има предвид дека производителот и одржувач на "Безбеден град" со кој МВР има склучен договор, не дозволува инкорпорирање на надворешни софтверски решенија, коментира Чулев.