Напаѓачот на италијанскиот фудбалски прволигаш Интер, Ромелу Лукаку, ќе остане во клубот од Милано и во следната сезона, објави денеска весникот „Газета дело Спорт“.

Изминатите денови во медиумите се појавија информации дека Лукаку е трансфер цел на крајот од оваа сезона на тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, кој во белгискиот репрезентативец гледа идеална замена за аргентинскиот напаѓач Серхио Агуеро.

Според „Газета дело Спорт“, Лукаку нема намера да си замине од Интер, а уште помалку негова следна дестинација да биде враќање во Англија од каде како играч на Манчестер јунајтед дојде во Италија.

Весникот додава дека Белгиецот е во одлични односи со тренерот на Интер, Антонио Конте, како и со соиграчот во нападот Лаутаро Мартинез.

Лукаку оваа сезона има 24 голови и седум асистенции на 33 натпревари во сите конкуренции во дресот на актуелниот лидер во Серија А.