Финалето на шпанскиот фудбалски куп, што лани беше одложен за 3 април годинава, меѓу баскиските ривали Атлетик Билбао и Реал Сосиедад ќе биде одигран со навивачи на трибините, јави денеска радиото „Cadena Ser“.
Финалето ќе се игра на стадионот „Ла Картуха“ во Севиља со капацитет од 60.000 гледачи, а ќе биде дозволен влез на максимум 15.000 навивачи.
И финалето на овогодишното издание на шпанскиот куп во кое Атлетик Билбао на истиот стадион ќе игра против Барселона на 17 април, исто така, ќе се игра пред приближно идентичен број на гледачи на трибините.
Шпанската фудбалска федерација не сакаше да ги коментира наводите на радиото, но најави дека утре ќе одржи состанок на претставници на Атлетик и Реал Сосиедад за да се договорат сите детали поврзани со финалето.