Шведскиот напаѓач Златан Ибрахимовиќ е подготвен за реванш натпреварот од осминафиналето во Лига Европа против Манчестер јунајтед во четврток на „Сан Сиро“, потврди денеска тренерот на италијанскиот клуб Стефано Пиоли.

-Среќен сум поради тоа што Ибрахимовиќ се рехабилитираше и ќе биде меѓу кандидатите за натпреварот, истакна стратегот на Милан на онлајн конференција за новинари

Ибрахимовиќ поради повреда на бутниот мускул ги пропушти последните четири натпревари, вклучувајќи го и првиот дуел со Манчестер јунајтед, минатиот четврток на „Олд Трафорд“, што заврши нерешено 1:1.

-Утре ќе одлучам дали ќе го започне натпреварот од првата минута. Тој сè уште нема 90 минути во нозете, но важно е што се врати, додаде Пиоли.

Од другата страна, во составот на Манчестер јунајтед се враќаат Пол Погба и Едисон Кавани, додека Ентони Марсијал дефинитивно ќе го пропушти реваншот во Милано.