Вечерва Рашела Мизрахи, пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ гостуваше во „Радио Лидер“ каде што се осврна и на пописот како власта упорно го турка процесот во време на КОВИД-19 и во време кога поразвиените држави истиот го одложуваат со цел да го заштитат своето население од вирусот.

„Доколку не се вакцинираат попишувачите, а имаме трансмисија ваква висока трансмисија како резултат на самиот факт дека над 90% од случаите во Македонија од КОВИД се позитивни лица од британскиот тип, тогаш трансмисијата е многу висока и самите попишувачи поминувајќи од едно живеалиште во друго ќе предизвикуваат трансмисија на заболувањето, и тоа е повеќе од факт“, појасни Мизрахи.

Мизрахи додаде дека доколку попишувачите се вакцинирани на некаков начин ќе го намали ризикот на трансмисија, меѓутоа ние не знаеме каков тип на трансмисија може да се случи дали е тоа човек – човек, преку облеката која што се носи, документите, компјутерите.

„Не верувам дека граѓаните така бенигно ќе го примат попишувањето од здравствен аспект. Зошто? За тоа што граѓаните стравуваат. Неретко гледаме на социјалните медиуми каде што граѓаните велат попишувајте кого сакате, во мојот дом нема да ве примиме“, рече Мизрахи.

Мизрахи запраша каков ќе биде резултатот од пописот кога граѓаните се плашат и велат јасно и гласно дека попишувачи дома нема да примат.

„Граѓаните се плашат да се попишат не поради политичкиот аспект туку буквално поради здравствениот аспект“, истакна Мизрахи.

Мизрахи посочи дека пописите се одложија во цела Европа, може и кај нас да се одложи.

„Да, потребен е попис, но тоа не значи ние да го ризикуваме животот и здравјето на граѓаните поради попишување оваа година и во овој момент“, нагласи Мизрахи.