Раководството на Француската професионална лига (LFP) соопшти денеска дека тамошните прволигашки и второлигашки екипи нема да ги пуштат своите фудбалери кои ќе бидат повикани за репрезентативни настапи во земји што не се членки на Европската унија, поради правилата поврзани со самоизолација за да се спречи ширење на заразата со коронавирус.
Одлуката го доведува во прашање настапот за претстојните мундијалски квалификации на македонскиот репрезентативен напаѓач Влатко Стојановски, кој е член на францускиот второлигаш Шамбли.
Меѓународната фудбалска асоцијација (ФИФА) соопшти минатиот месец дека не очекува европските клубови да ги пуштат своите фудбалери во репрезентациите, доколку по нивното враќање ќе ги чека задолжителна самоизолација од најмалку пет денови.
-Во тој контекст, клубовите нема да ги пуштат во репрезентациите фудбалерите, кои се повикани за натпревари надвор од Европската унија, соопшти LFP.
Македонската фудбалска репрезентација на 25 март и гостува на Романија на стартот од квалификациите за пласман на Светското првенство, по што три дена подоцна игра на домашен терен против Лихтенштајн, а на 31 март и гостува на Германија.