Поранешниот италијански фудбалер Даниеле Де Роси од денеска е нов член на стручниот штаб на националниот тим предводен од селекторот Роберто Манчини.
Де Роси официјално ќе ја започне својата тренерска кариера следниот викенд за кога е закажан првиот собир на италијанската репрезентација во местото Коверчијано, во пресрет на почетокот на квалификациите за пласман на Светското првенство во 2022 година.
-Горд сум што започнувам нова кариера со националниот тим и сакам да им се заблагодарам на Италијанската фудбалска федерација и на селекторот Манчини на укажаната доверба, изјави Де Роси.
-Враќањето во Коверчијано ќе биде емотивно за мене. Тоа за мене значи враќање дома и повторна средба со толку многу поранешни соиграчи и мои пријатели, додаде 37-годишниот поранешен фудбалер на Рома.
Де Роси во кариерата одигра 116 натпревари во дресот на Италија со која во 2006 година ја освои светската титула.