Фудбалскиот репрезентативец на Полска и член на минхенски Баерн, Роберт Левандовски, е одликуван денеска во Варшава со највисок полски државен орден, Офицерскиот крст од редот Полонија Реститута.

Одликувањето што им се доделува на воени лица и цивили за особени заслуги во интерес на полската држава, најдобриот стрелец и фудбалер на светот за 2020 година го прими од рацете на шефот на државата Андреј Дуда, кој го нарече Левандовски „национален спортски херој“.

Носители на Орденот Половија Реститута, меѓу другите, се првиот демократски избран претседател на Полска Лех Валенса и поранешниот американски претседател Двајт Ајзенхауер.

Триесетидвегодишниот Левандовски, кој со Баерн Минхен минатата сезона освои шест трофеи, е одликуван за „исклучителни спортски достигнувања и промоција на Полска во светот“.

-Без оглед колку трофеи имам освоено во кариерата, моите амбиции се високи и не сакам да се опуштам, изјави Левандовски на свеченоста.