Фудбалската репрезентација на Коморски Острови првпат во својата историја обезбеди пласман на африканскиот Куп на нации, што во јануари идната година ќе се одржи во Камерун.
Националниот состав на малата островска држава во јужна Африка обезбеди премиерен настап на континенталното првенство, откако денеска одигра без голови на домашен терен против Того, со што на едно коло до крајот на квалификациите, Коморски Острови имаат недостижни шест бодови предност пред Кенија и Того во групата Г.
Коморски Острови се меѓу најсиромашните држави во светот со популација од околу 900.000 жители, а националната репрезентација стана дел од семејството на ФИФА во 2005 година.
Успехот на оваа африканска држава се должи на привлекувањето голем број француски фудбалери со потекло од Коморски Острови. Во актуелниот состав Коморски Острови имаат дури 16 фудбалери, кои играат во француски екипи.