Македонската фудбалска репрезентација вечерва во Скопје забележа убедлива победа над Лихтенштајн со 5:0.

За избраниците на селекторот Игор Ангеловски ова е прва победа и први три бода во квалификациите за Светското првенство следната година во Катар.

Стрелци на головите беа Енис Барди, Александар Трајковски (два), Елиф Елмас и Илија Несторовски од пенал.

По голот на Несторовски, кој периодов игра во лоша форма, прославувајќи го голот пред камерата упати пцовки и навреди, за кои првично, навивачите сметаа дека се однесува на нив, а потоа на инстаграм, Несторовски објасни дека станува збор за три лица кои во последниве денови му упатувале закани на него и неговото место.

На другите два натпревара од 2. коло во Ј-групата, Ерменија го совлада Исланд со 2:0, додека Германија на гостувањето кај Романија забележа минимална победа со 1:0.

По ова коло, македонскиот национален тим има три бода и се наоѓа на третата позиција на табелата, зад Германија и Ерменија кои имаат максимални шест бода.

Следниот меч „црвено-жолтите“ ќе го играат на 31 март, на гостински терен против германскиот национален тим.