Кина ќе процени постоење можна закана од најавеното јапонско пуштање загадена вода од нуклеарната централа Фукушима за безбедноста на храната и земјоделските производи, соопшти денеска Министерството за трговија.

Портпаролот на Министерството, Гао Фенг порача дека Кина е сериозно загрижена поради едностраната одлука на Јапонија за испуштање на отпадните води од Фукушима во морето.

„Ние сакаме внимателно да ги следиме случувањата и да ги процениме можните закани по прехранбените и земјоделските производи и нивната трговија, со цел да се осигури безбедноста на кинеските потрошувачи”, рече Гао на прес конференција.

Според плановите презентирани од Јапонија во вторникот, за околу две години, по филтрирањето за отстранување на штетните изотопи, се планира испуштање на повеќе од милион тони контаминирана вода во морето од централата која е уништена од земјотресот и цунамито во 2011 година.

Планот веднаш предизвика противење на соседите од Јужна Кореја, Кина и Тајван, а кинеското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека Кина дели заеднички став со Јужна Кореја, кој се спротивставува на најавената акција на Јапонија.