Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) потврди денеска дека Севиља ќе го замени Билбао во улога на шпански домаќин на претстојното Европско првенство (ЕП), одземајќи ја притоа организацијата и на ирската престолнина Даблин.
Како што е соопштено, откако Билбао не достави гаранции за присуство на гледачи, УЕФА постигна договор со локалните власти на Андалузија натпреварите од Билбао да се преместат на Олимпискиот стадион во Севиља со присуство на 20.000 гледачи.
На стадионот во Севиља ќе се одиграат вкупно четири натпревари – три од групата Е и еден осминафинален натпревар.
Паралелно со ова, од истите причини како и Билбао, без организација на ЕП остана и Даблин, по што трите натпревари од групата Б, што беа планирани да се играат во ирската престолнина, се преместени во Санкт Петерсбург, додека домаќин на осминафиналниот натпревар од Даблин е преместен во Лондон, на стадионот „Вембли“.
Германскиот град Минхен, каде од почетокот на пандемијата на коронавирус не е одигран ниту еден фудбалски натпревар во присуство на гледачи, остана меѓу организаторите, откако германските власти далоа гаранции за присуство на максимум 14.500 гледачи на „Алијанц арена“.
-Напорно работевме со домаќините и локалните власти, и среќни сме што успеавме да овозможиме сите натпревари на ЕП да се играат во присуство на публика, изјави претседателот на УЕФА Александар Чеферин.