По одлуката на Владата за задолжителни ПЦР-тестови пред секој спортски натпревар, Фудбалската федерација на Македонија, за претстојното коло ги тестираше фудбалерите и службените лица од Прва и Втора машка фудбалска лига, од тестирањето беше изоставена Првата женска фудбалска лига, чие коло се одложи.

Одложено беше и колото 23 од Првата женска фудбалска лига, кое требаше да се одигра на 21 април, ден по одлуката на владата.

Од друга страна, Ракометната федерација на Македонија, веднаш по одлуката на Владата, за МИА потврди дека за преостанатите кола во ракометот, ќе ги покријат ПЦР-тестовите за Супер лига мажи, Прва лига мажи и Супер лига жени.

Кошаркарскатa федерација на Македонија, во моментот по одлуката на Владата донесе одлука да се одложат само натпреварите закажани за 22 април, за потоа, на 23 да излезе со соопштение и потврда дека ќе овозможи тестови за детекција на Ковид-19 за сите клубови учесници во Прва лига мажи, Прва лига жени, и Втора лига мажи, вклучени во системот за натпреварување во сезоната 2020/2021.

Од Одбојкарската федерација на Македонија, пак, со оглед на тоа што нивното првенство заврши, за МИА изјавија дека имаат добиено донација брзи тестови од Европската одбојкарска конфедерација, за да се тестираат играчите и останатите инволвирани, на секои три дена кога ќе започнат со репрезентативни настапи.

Владата е свесна за финансискиот товар од одлуката, работи на изнаоѓање алтернативни решенија

Ваквите одлуки на националните спортски федерации произлегоа по одлуката на Владата објавена во Службен весник на 20 април, со која на спортските клубови им беше наложено пред секој натпревар да имаат доставено уреден ПЦР-тест доколку сакаат да се одржи истиот. Спортскиот свет реагираше на фактот дека оваа одлука изискува значителен финансиски товар пред крајот на сезоната, која и онака беше тешко изводлива среде пандемија.