По завршување на шесте кола од женската кошаркарска Супер лига на Република Северна Македонија, клубот КК „Крива Паланка“ оствари пласман во плеј-оф завршницата на првенството.

Со победата над ЖКК „Струга 2009“ од Струга, остварена на гостински терен вчера и комлетирање на натпреварите од завршното коло во Супер лигата каде Вардарки ги победија кошаркарките на ЖКК „Работнички“, КК „Крива Паланка“ за прв пат влезе меѓу 4-те најдобри и ќе разигрува за титулата со ЖКК „Бадел 1862“, ЖКК „Баскет Кам“ и ЖКК „Вардар“.

– Нашиот сенирски тим беше најмлад во Супер лигата, поради што може да се каже дека сме изненадување на првенството, но ние како клуб не сме изненадени од пласманот бидејќи она што со години го градиме како капацитет на млади таленти, со засилувањата во вториот дел од оваа сезона во играчкиот и стручниот табор, го донесе очекуваниот резултат. Најавите на стартот на Суперлигашкиот дел, влез меѓу четирите најдобри, ги остваривме, но тоа беше ни малку лесна задача, особено по повредата на првиот плејмејкер, Марија Петровиќ, во стартниот меч, така што, благодарение на искусната Милена Марјановиќ и нејзиниот сеопфатен учинок и ангажман преку константен придонес за тимот, денес сме тука каде што посакувавме и горди сме на тоа. Морам да изразам благодарност за сите наши кошаркарки кои за мене се вистински спортски хероини на градот и тимот, бидејќи на само 15-16 години ги бранат гордо боите на клубот во друштвото на најдобрите, кадешто ќе играат со нивните репрезенраривни идоли, изјави претседателот на клубот, Ведран Белешковски.

Тренерот на тимот, Мирослав Ивановски, посочи дека вложувањето во тимот млади и перспективни играчи од големата младинска школа на клубот се покажло како клуч на конзистентноста во остварување на целите.

– Со овој пласман, историски успех на полето на екипните спортови во градот, покажавме дека Крива Паланка прерасна во кошаркарски град и мора да нагласам дека овие деца заслужуваат уште поголемо внимание, рече Ивановски.

Од клубот упатија благодарност до сите што ја поддржуваат оваа убава кошаркарска приказна.


Администратор
05/05/2021 14:35