Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е за нов клинички центар, но само со изготвен проект, а не со физибилити студија од 35 страници, изјави Дафина Стојаноска, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа порача дека наместо СДСМ да ги обвинува пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, редно е да седнат и да изработат проект за нов клинички центар па потоа, како што рече, ќе се дискутира за заем за реализација на ваков сериозен капитален проект.

„Имено, да се изгласа закон за заем од 503 милиони евра за непостоечки проект, а истовремено тоа да го бара најкорумпираната влада во Европа е крајно бесмислено и несериозно. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на последната средба со Зоран Заев даде конструктивно предлог-решение кое ќе значи комплетно реновирање на Клиничкиот центар ‘Мајка Тереза’ кое би чинело околу 100 милиони евра, како и изградба на ургентен клинички центар, кој би бил наспроти приватната болница ‘Жан Митрев’ и со кој би се поврзале Поликлиниката ‘Букурешт’ и ГОБ ‘8 Септември’ и исто така изградба на уште три универзитетски клинички болници во Тетово, Штип и Битола, кои би чинеле по десетина милиони евра. Иако Заев го побарал овој предлог на увид, до ден денешен сè уште нема никакви реакции по истиот“, истакна Стојаноска.

Таа обвини дека е срамно и лицемерно СДСМ да го поврзува овој значаен проект со ковид-кризата и со тоа да ја крие нивната неспособност, бидејќи, како што објасни таа, досега имаа речиси пет години да започнат со изградба на нов клинички центар и истиот денес ќе беше во завршна фаза, но тие немаат ниту изготвено проектно решение