Токму во достапноста на писмото го гледаме описменувањето. Писмото и описменувањето е светлина на секој човек и никој не смее да биде исклучен од ова основно човеково право, кое секоја напредна заедница мора да им го обезбеди на сите свои сограѓани без исклучок. Ова денеска го порача премиерот Зоран Заев на промоцијата на инклузивната сликовница „Буква по буква – азбука“ на поетесата за деца и млади, хуманист и активист Гордана Симоновска Момироска.
Премиерот Заев упати честитика до сите граѓани поповод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј.
Сликовницата, како дел од проектот „Правото да читаш не е посебна потреба“ на Здружението на граѓани „Свет на различни, а еднакви“ е отпечатена со поддршка на „Европа 92“ од Кочани и Сојузот на слепи лица од Велес, а поддржана е и од Владата. Достапна е за читателите на кирилично и на Брајово писмо, односно за лицата со оштетен вид.
-Вака напишана и подготвена оваа сликовница е револуционерна новина во издаваштвото кај нас што ги задоволува потребите на сите читатели без да го наруши нејзиниот основен формат и квалитет. Вака форматираната сликовница овозможува истовремено да ја читаат деца со и без попреченост во видот, но и возрасни лица со оштетен вид да можат сами да им читаат на своите деца или внуци, нагласи Заев.
Стиховите се поставени на чиста позадина со крупен фонт што го олеснува читањето и за слабовидните лица.
-Уште една дополнителна, а многу голема вредност на оваа сликовница е што децата, а и возрасните без пречки во видот имаат ретка можност покрај своето да го запознаат и Брајовото писмо. Тоа е писмото со кое читаат нивните деца и возрасните кои не можат да гледаат, но ќе можат истовремено со нив да читаат држејќи ја во раце истата сликовница што ќе внесе и чувство на еднакво важни со другите, рече Заев.
Премиерот Заев нагласи дека посебна симболика претставува што промоцијата на оваа сликовница се одржува токму на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј.
-Тие пред нешто повеќе од 12 века спроведоа неколку мисии во Мала Азија и Европа, откако претходно ја создадоа глаголицата на која ја преведоа Библијата за да го шири словото христово на јазик близок на словенските народи. Нивната мисија на обединување на словенските со другите народи на Европа пред нешто повеќе од 1150 години, покрај христијанизација на словенските народи имала извонредно и единствено историско културолошко и епохално просветителско значење, потенцира Заев.
Цел на мисиите во Европа, како што рече, покрај ширењето на словото Христово, описменувањето и просветлувањето била теолошката апологија на старословенскиот јазик и неговото користење во божјите служби, кои дотогаш во Европа се вршеле само на три јазици, на латински, грчки и германски.
-Темелот на тој културолошки процес бил создавањето на првата азбука глаголицата. Глаголицата на свети Кирил која верно ги предава словенските фонетски особености е основата на подоцнежното кирилично писмо на неговите ученици, од кои неколку века потоа се кодифицирале совремната македонска азбука и јазик, нагласи Заев истакнувајќи ја големината на делото на свети Кирил и Методиј. За тоа, како што рече, сведочи и признанието кое што им го оддава папата Јован Павле Втори во неговото послание од 31 декември 1980 година со кое ги прогласува Светите Кирил и Методиј за патрони, заштитници на Европа.
-Намерата на нивната мисија е Библијата да биде достапна за сите Словени. Нивната мисија тогаш имала национална, наднационална, цивилизаторска и обединувачка улога и токму во достапноста на писмото го гледаме описменувањето. Писмото и описменувањето е светлина на секој човек и никој не смее да биде исклучен од ова основно човеково право кое секоја напредна заедница мора да им го обезбеди на сите свои сограѓани без исклучок, нагласи Заев.
Оваа, како и претходната книга на македонски и на албански јазик со празнична содржина под наслов „Новогодишна сказна“, исто така напишана и на Брајово писмо, Заев ја смета за исклучително значаен придонес на авторката Гордана Симоновска Момироска и на издавачите.
Авторката Симоновска Момироска информира дека на едно место читателите ќе може да се запознаат со три форми на азбуки со кои комуницираат луѓето со и без попреченост меѓу себе, кириличната, Брајовата и знаковната азбука.
Сликовницата планирано е да биде издадена и на другите јазици што се говорат во нашата земја. Во тек е подготовка на албанскиото издание, кое во печат ќе излезе на есен. Сликовницата од утре ќе биде достапна за читателската публика, а со секое купување ќе се донира и за хуманитарните активности на Здружението, а дел од продажбата ќе оди кај Сојузот на слепи лица од Велес за да можат да набават нова машина за печатење на Брајово писмо.
На промоцијата се обрати и писателот за деца и млади Горјан Петревски кој е и рецензент на книгата, а беа прочитани стихови од сликовницата.