Во Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“ во Делчево е отворена изложба „Квадратна божественост“ на Валентина Илијевска од Куманово, магистер по конзервација и реставрација на ѕидно сликарство. Изложбата содржи 33 дела – елементи од нејзините графики склопени во колаж, цртежи и комбинирани техники. Посетителите ќе може да ги видат во наредните 10 дена.
Авторката Илијевска рече дека се работи за дела преку кои ликовните елементи и принципите го креираат творечкиот опус во делата, каде што од нивната длабочина се издигнува на пиедестал синото присуство на квадратот.
– Во самиот концепт ја разработувам симболиката на човештвото, препознатливите симболи во нашата иконографија, религијата, симболот на божественото. Присуството на синиот квадрат го симболизира човештвото. Преку симболите на квадратот и коцката се внесува своерачен потпис и сензибилитет препознатлив за делата, истакна Илијевска.
Директорот на Центарот за култура во Делчево Методи Толевски рече дека настанот се реализира во рамки на манифестацијата „Делчево го чествува аманетот“.
– Чествувањето обединува два крупни настана во Делчево – одбележување на годишнината од Разловечкото востание и Денот на сесловенските просветители, додаде Толевски. Настанот го организираат Општина Делчево и НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ со поддршка на Министерството за култура.