Во хидроакумулациите во Струмичко има доволно вода за пиење и наводнување, а површините од околу две илјади хектари ќе можат да се наводнуваат во текот на целата сезона.
Според последните мерења, двете најголеми брани „Турија" и „Водоча" се повеќе од половина полни, а помалите прелеваат.
-Во „Турија" се насобрани 32 милиони кубни метри вода од вкупно 50 милиони, а во „Водоча" има 18 милиони од вкупен капацитет од 27 милиони кубни метри вода. Помалите акумулации „Новоселка", „Маркова Река" и „Иловица" се полни и прелеваат, информира Лазо Ѓоргиев, директор на АД Водостопанство на Македонија-Подружница „Струмичко Поле", Струмица.
Од акумулацијата „Турија" градот Струмица троши меѓу пет и шест милиони кубни метри вода за пиење годишно, а за наводнување се користат 18 милиони кубни метри вода, додека од браната „Водоча" се трошат околу шест милиони кубни метри вода за наводнување.
Според Ѓоргиев, и годинава се очекува да продолжи трендот на стабилна наплата за користењето на водата за наводнување, кој се движи околу 98 отсто.