Откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска објави нов скандал за кој велат дека од битолска фирма се барала изнуда од 250.000 евра а МВР не постапувала по пријава од фирмата, на социјалните мрежи со коментар излезе и Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

- Нов СКАНДАЛ во кој преку ИЗНУДА-РЕКЕТ се бараат 250 000 евра КЕШ!

Оваа афера која ја обелодени претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е уште еден доказ за криминалот и корупцијата на власта, за тоа дека само мислат на рекетирање и криминал и дека со Македонија владее МАФИЈА, искоментира Николоски.

Инаку, Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска сподели информации и документи за наводен сомнеж за фалсификување на документи од страна на Лазе Велковски, поранешен полициски началник, и обвинителката Вилма Рускоска, како и за изнуда на пари од компанијата Рубиткон Битола, која била добитник на тендер за ископ на јаглен во РЕК Битола.

Пријавата до полицијата ја поднеле сопствениците на компанијата, од кои како што беше посочено директорот на РЕК Битола Васко Ковачевски сакал да изнуди пари, а во пријавата се споменува и лице Вице Н., за кого постојат сомнежи дека е братот на премиерот Зоран Заев.