НУ Центар за култура-Битола на јавноста и ја претстави државната изложба на детски ликовни творби на тема „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“ која е воспоставена во 1975 година.
Изложбата која е најстара од овој вид во нашата држава и се одржува со поддршка на Министерството за култура, преку својот творечки континуитет, покажува дека зададената тема поседува универзални и уникатни вредности кои со текот на времето добиваат свежина и потенцијал, истакна директорката на НУ Центар за култура-Битола, Маја Андоновска Илијевски.
– Во овие тешки времиња, кога светот ја води најтешката битка, кога културата и уметноста се едни од најпогодените гранки на живеењето, детската безгрижност ја извојува најголемата победа, а светот во окото на детето останува чист и непроменет. Во тој свет традицијата е жива и плени со сета своја убост. За тоа говори и годинешната детска ликовна изложба со 506 детски творби од 51 основно училиште, инспирирана од народната традиција. И во отсуство од училишните клупи децата успеаја да се инспирираат и да учествуваат на 46-та Државна изложба на детски ликовни творби на тема „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“ во Битола, посочи Андоновска Илијевски.
Награди на најуспешните и честитки за учесници упати градоначалничката Наташа Петровска, која истакна дека тенденцијата да се поттикнат и насочат младите генерации да се запознаат со народната култура за да создаваат дела инспирирани од традицијата, но во духот на секојдневието, предизвикува голем интерес и творечки порив.
–Нема поголема радост од вакви моменти кога човек има две причини да се радува. Едната е показател дека имаме традиција на една манифестација која што го чува македонското, нашите културни белези, а втората затоа што токму од најмали нозе, ги учиме најмладите да се почитуваат себеси, да ги почитуваат нашите вредности. Ние и тоа како имаме што да му покажеме на светот, нагласи Петровска.
На изложбата во битолскиот Центар за култура може да видат ретки детски творби работени заедно со нивните ликовни педагози за кои се вложени многу часови на истражување од материјалното и духовното културно наследство, а токму таа активност обезбедува континуитет на долгата културна традиција, рекоа организаторите кои доделија и две специјални награди за континуирано четирикратно добивање на наградата за најдобра колакција, односно на учениците од истоимените основни училишта „Гоце Делчев“ во Кавадарци и Битола.