Тимчо Муцунски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ на гостувањето во емисијата „Што не е јасно“ што се емитува на телевизија Алфа се осврна на повеќе актуелни теми, меѓу кои патот на Македонија кон ЕУ, како и најавените образовни реформи.

„Датумот за старт на преговори на Македонија со ЕУ, колку и да сака власта да го прикаже како своја заслуга, не е така, позитивната препорака треба да ги потсетиме дека се случи во 2009-тата година. Значи тоа е пред повеќе од 10 години. Македонија заслужувала, исполнувала критериуми да отпочне преговори, но што се сменило во последните три – четири години за да не приближи до членство во ЕУ, јас напротив мислам дека имаме тенденции и феномени кои не оддалечуваат со усогласување на оние највисоки стандарди кои што ги има ЕУ“, рече Муцунски. Пратеникот смета дека граѓаните немаат почувствувано позитивни промени во администрација, дигитализацијата во јавниот сектор и додаде „со власта имаме уназадување секаде, а напредок никаде“.

Говорејќи за промени и реформи Муцунски се осврна и на актуелната состојба во образованието.

„Како некој чија што професија и работа е во образованието, јас би кажал дека прво е потребно промена на образованието, тоа е континуиран процес, постојано ќе биде во процес на реформа. Но, што е потребно, ајде да констатираме прво што е потребно. Прво е потребно промена на инфраструктурата која што ја има во нашите училишта во нашите универзитети. Дополнително, потребно е инвестирање во дигитална инфраструктура во училиштата, во универзитетите. Потребно е да ги подобриме платите на просветните работници кои што се субстандардни, да ги мотивираме тие луѓе квалитетно да работат. Секој човек заслужува да работи во соодветни услови за работа, но и да има пристојни примања посебно земајќи во предвид улогата што ја има во нашето општество – едукација на млади луѓе“, кажа Муцунски.

Во таа смисла, рече тој, ако се погледнат сите овие реформи кои му се неопходни на образованието за да функционира нормално, власта носи анти реформи кои што не го подобруваат образовниот систем.

„Се наметнуваат радикални идеолошки гледишта од министерот за образование кои патем ниту по своето професионално искуство има некаква врска со образованието, ниту по своето образовно искуство има некоја врска со образованието. Јас за тоа го кажав тоа пред неколку дена при посета во Ѓорче Петров дека најдобрата работа примарно што може да му се случи на македонското образование е оставка на министерката Царовска, и оставка на тој тим околу нејзе кој веројатно таму има луѓе што или ја убедуваат дека ова се квалитетни реформи или не знаат да кажат „НЕ“ на фактот дека ова се неквалитетни реформи“, вели Муцунски.