Жителите на населбата Колтук во Тетово доцна попладнево се собраа на јавен протест револтирани што неколку дена немаат вода за пиење. Тие ја блокираа улицата која води кон планинските села Селце и Вејце и еден час не дозволија да се одвива сообраќајот.
Жителите бараат трајно решение, а најавуваат и нови блокади на сообраќајот. Освен барањето да има нова водоводна мрежа за стариот дел од градот, потенцираа дека треба да има прередување на калдрмата, чистење и перење на улиците и атмосферската канализација, подигање на сметот два пати неделно и слично. Тие се пожалија дека редовно немаат вода, една недела ќе има, па потоа две недели ќе нема, а сега четири дена немаат вода.
„Само во Колтук нема вода. Во Горна Чаршија вода има, си мијат улици, мијат коли, па срамота е. Ништо не можеме без вода. Ова е наназад со години. Ама сега пукнало цевка во Лешница, овде е дефект, онде е дефект, сѐ е овде е дефект“, изјави Виолета Малинова која додаде дека ќе одат и кај градоначалничката за да се реши проблемот.
„Тука сме собрани Албанци, Македонци, не е битно која националност, важно е да имаме вода. Доаѓам од работа, физичка работа, не можам да се избањам. Шест дена немам вода“, изјави Нафи Кучи.
Поддршка на жителите им даде и советничката Валентина Стефановска.
„Четири дена Тетово е без вода. Во 21 век не се знае по кој пат овој дел од градот е без вода. И повторно истите оправдувања. Проблем во цевките, проблем во водостојот, проблем со поставување на цевките, проблем што градот е пренаселен од пред 40-50 години, пукнати главни и споредни цевки. Трпението на граѓаните е при крај. До кога ќе се чека реконструкцијата на улицата „Гоце Делчев“, конечно да се види каде е проблемот со водоснабдувањето? До кога мајката на градот, за едни граѓани ќе си остане мајка, а за другите маќеа? Остана ли барем грам совест или свест? Ноќе не се работело, било опасно од надојдената река, а во време на пандемиска и економска криза службите за наплата на сметките за вода можат редовно да работат и уредно да ги доставуваат сметките секој месец. Дали е фер кон граѓаните? Да сте на нивно место како би постапиле, ние имаме само едно единствено прашање. Дали еднаш за секогаш ќе се секнат оправдувањата како што секнува водата и ќе се фатите за работа“, изјави Валентина Стефановска, советничка во Советот на Општина Тетово.
Вода во стариот дел од Тетово нема поради пукнат цевковод кој поминува над реката Пена