Врнежи од град оштетија повеќе овоштарници во пехчевскиот регион. Еден од сопствениците на овоштарник во околината на Пехчево информираше дека најголема е штетата кај овошните насади во близина на месноста Чуката и Подуево.

-Конкретно мојот овоштарник е меѓу пооштетените од врнежите од град кои го зафатија нашиот регион. Јас одгледувам сина слива и вишна, штети има и кај сливата и кај вишната, вели пехчевскиот овоштар.

Додава дека родот бил добар, а штетите се големи.

-Штетите лично кај мене се големи. И тоа што го имав како род, се гледа дека ќе падне после овие врнежи. Имајки предвид дека се најавуваат нови врнежи, поради спарното време можна е нова појава на град, што доколку се случи ќе го дотолчи и она што остана од родот, додава пехчевскиот овоштар.

Ваквите појави во минатото често ги оставаа овоштарите од пијанечко-малешевскиот регион без род. Претходно на повисоките места дел од родот измрзна поради ниските температури, а оние кои не го осигурале родот стравуваат дека овошките дополнително ќе бидат изложени на временските прилики кои според најавите на метеоролозите не им одат во прилог на овоштарите.