Вена, Миде и Мусе по долги години во Специјален завод Демир Капија, конечно ќе живеат како семејство во станбена единица со поддршка. Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска присуствуваше на отворањето на демиркаписката станбена единица која започнува со работа заедно со уште една во Неготино. Пет лица ќе живеат во демиркаписката куќа, а четири во неготинската. Се работи за станбени единици за живеење со поддршка за лица со интелектуална попреченост.
Скоро сите се преселени од Специјален завод од Демир Капија. Ова е втора единица што се отвора во Демир Капија, а Неготино веќе има три. Вкупно, Заводот води седум единици, од кои две во Скопје. Денес дом добиваат пет возрасни лица и четири деца, со 24-часовна поддршка на тим од стручни лица.
Министерката рече дека огромни се задоволството и честа по повод денешниот настан и испрати порака дека процесот на деинституционализација продолжува, со цел ниту едно лице да не остане во гломазна институција.
-Создаваме услови за нивно вклучување во заедницата на еднакви основи со останатите. Оваа куќа претставува пример дека станарите ќе имаат исти услови како и другите во соседството, секој од нив изрази задоволство што ќе има свое катче во оваа прекрасна станбена единица. Сево ова значи дека го менуваме начинот на грижа за лицата со попреченост, рече министерката, појаснувајќи дека ова ќе значи и подобри услови за вработените, за да го дадат својот максимум во работата.
Таа потсети дека веќе нема ниту едно дете под 18 години сместено во гломазна институција.
-Од првичната бројка од 480 корисници во овие установи, стигнавме до бројка од помалку од 250 станари. Продолжуваме понатаму. Истовремено, со поддршка на нашите традиционални партнери, Европската Унија и граѓанскиот сектор, градиме мостови на доверба меѓу приватниот и јавниот сектор, во грижата за најранливите и маргинализирани категории на граѓани, рече Шахпаска.
Таа истакна дека објектот Депанданс при Специјалниот завод ќе биде трансформиран во современ центар, давател на современи социјални услуги, согласно на светските стандарди. Станува збор за замена на семејна грижа, сериозна придобивка во подобрување на квалитетот на животот, не само на лицата со попреченост, туку и на нивните семејства.
Никола Бертолини, шеф на одделот за соработка во Делегацијата на Европската Унија, рече дека лицата со посебни потреби заслужуваат да им се даде целото внимание од општеството. Бидејќи, како што нагласи, развојот на едно општество зависи од условите во кои живеат овие лица. Тој го поздрави процесот на деинституционализација и додаде дека тие и понатаму ќе го поддржуваат, заблагодарувајќи се на Министерството и Општината за соработката.
Демиркапискиот градоначалник, Лазар Петров оцени дека целиот негов живот живее на неколку метри од Заводот, секогаш со мислата, како дополнително да се помогне на лицата сместени таму.
Александра Велковска, директор во Заводот, информираше дека сега институцијата има околу 170 лица, а во некои периоди броела и над 500 корисници на услуги. Таа нагласи дека вработените веќе не се плашат за своите работни места, надминати се предрасудите околу тоа. -Напротив, тие веќе гледаат и знаат дека се зголемува потребата од нови вработувања, децидна беше таа, заблагодарувајќи се на поддршката.