Комуналното претпријатие „Водовод“ од Кочани склучи договор за набавка на над илјада литри течен препарат произведен на органска основа, со кој ќе се интервенира против самозапалувањето на отпадот на градската депонија.
Се работи за супстанца, добиена како екстракт од два вида темни морски алги, што е еколошки прифатлива и не ја загадува почвата и подземните води. Со соодветна примена се спречува горењето на метанот што се создава при разложувањето на органските отпадни материи на депонијата.
– Користењето на препаратот во текот на минатата година покажа висока ефикасност при спречувањето на горењето на отпадот. Густите облаци чад веќе ги нема или се сведени на минимум, со што драстично го намаливме аерозагадувањето. Оваа постапка е позната во другите земји, а ние почнавме да ја применуваме од пред две години и ќе продолжиме во иднина, сè до изградбата на современа регионална депонија – истакна Андреј Киров, директор на „Водовод“.
За набавката на екстрактот од морски алги комуналното претпријатие вложи 1,2 милиони денари од сопствената сметка, а третирањето на депонијата ќе се врши сукцесивно, според потребите на терен.
Користењето на препаратот почна по реакциите во јавноста и протестите на граѓаните против горењето на депонијата кај селото Бели, што предизвикуваше загадување на воздухот и животната средина.