Привршува изградбата на спортското игралиште кај спортскиот комплекс „Соколана“ во Куманово, информираа денеска надлежните од општината. Средствата за реконструкцијата се обезбедени преку Агенцијата за млади и спорт. Игралиштето е реконструирано, уредени се трибините, завршено е партерното уредување, поставена е нова современа подглога за спортски активности.

– Го враќаме сјајот на спортскиот комплекс „Соколана“, а со тоа ги враќаме и спомените на спортските легенди од нашиот град, спомените на сите генерации кои поминале значаен дел од своето детство и својата младост во овој „храм на спортот“ во Куманово. Многу заеднички спомени, им должиме на овие генерации за нивниот придонес на сите полиња за нас и државата. Благодарност до Агенција за млади и спорт, напиша на својот Фејсбук профил кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

Ова е една од првите фази за инвестиции наменети за овој комплекс, кој е еден од четирте големи спортски објекти кои државата ѝ ги врати во владение на општината. Претходно со нив стопанисуваа приватни субјекти. Покрај Соколана, на општината ѝ се вратени градскиот стадион, стрелиштето и спортската сала.