Заврши санацијата на улицата „Сутјеска“, која е главна сообраќајна артерија за граѓаните од централното градско подрајче до штипскиот Градски пазар.
Градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов на денешната прес-конференција рече дека реконструкцијата изнесува околу 600.000 денари.
Направена е реконструкција поради дупките, нивелирани се шахти и проблеми кои се јавија по нејзиното последно реконструирање, вели Николов.
Посочи дека во тек е и реконструкцијата на улицата „Панче Караѓозов“, каде што е утврдено дека на каналот за атмосферска канализација не му е потребна санација, туку комплетно цела реконструкција. Доколку ова не се направи улицата нема да биде квалитетно изградена.
– Започнува тендерска постапка, за компанија којашто треба да го изгради од ново целиот атмосферски канал, којшто беше во катастрофална ситуација и мислевме дека ќе поминеме со негова рехабилитација, но самите стручњаци кажаа дека без добро реконструирање на каналот ќе настане проблем на асфалтот кој ќе се постави на улицата, вели Николов.
Изградбата на новиот канал ќе биде инвестиција на општината, а останатите средства се обезбедени од Министерството за транспорт и врски.