Масовната имунизацина на населението во струмичко тече непречено, а бројот на заинтересираните граѓани за вакцинирање секојдневно се зголемува.
Според податоците од Регионалниот пункт во Струмица, кој беше отворен на 17 овој месец, вакцина досега примиле околу 3.600 граѓани, од кои 3 илјади се со „Синофарм", а преку 500 со втора доза на „Фајзер".
Додаваат дека за постарите и изнемоштени лица кои добиле термин, а не можат да дојдат до пунктот, ќе бидат вакцинирани во нивните домови. Потребно е некој да дојде да ги пријави и потоа ќе се организира вакцинирање како што беше со последната акција, кога беа опфатени 13 такви лица.
Од струмичкиот здравствен дом им укажуваат на граѓаните кои првата доза ја примиле во некој од другите градови, а сега сакаат да се ревакцинираат на пунктот во Струмица, дека протоколите на Министерството за здравство тоа не го дозволуваат и втората доза од вакцината треба да ја примат таму каде ја примиле првата.