Британската амбасадорка Рејчел Галовеј денеска го посети Музејот на олдтајмери во Неготино. Музејот е долгогодишен сон на неодамна починатиот професор по биологија Дионис Пашлаков, кој со години се грижеше за над сто стари автомобили. За него беше снимен и филм.
Сопругата Грозданка и неговите деца информираа дека продолжуваат таму кадешто тој застана и дека нивна цел е музејот конечно да биде официјално отворен и проширен и да биде дел од туристичката понуда на Неготино.
Во изјава за медиумите, Галовеј рече дека имала продуктивен разговор со градоначалникот Тони Делков, околу зајакнување на економската состојба во општината, како и за инфраструктурните проекти.
-Разговаравме и за предизвиците со кои сите се соочивме изминатава година поради ковид кризата, додаде амбасадорката.
Задоволство од посетата на Галовеј, изрази и Делков. Тој информираше дека било разговарано на повеќе теми, за клучни проекти. Делков рече дека Музејот е репрезент на општината.