По иницијатива на Јавното претпријатие „Национални шуми“, денеска во Кочани почна постапката за конститутирање на Советот на засегнати страни на Заштитениот предел „Осоговски Планини“.

Улогата на ова тело ќе биде советодавна, односно ќе дава мислења и предлози во однос на Планот за управување со заштитеното подрачје, а може да презема иницијативи и акции и да обезбеди услови за интегрирано управување со подрачјето.

На првиот работен состанок, што се одржа во Информативниот центар на Пониква, беше заклучено дека Советот треба да има конструктивен состав со претставници од единиците на локалната самоуправа, како и од урбаните и месните заедници чија територија како целина или делумно се преклопува со територијата на заштитеното подрачје. Исто така, треба да бидат вклучени претставници од локални граѓански здруженија од областа на заштитата на животната средина и природата, но и од државни и локални јавни претпријатија и установи кои вршат дејности и активности на територијата на заштитеното подрачје.

–Нашето јавно претпријатие ќе се залага за интегрирано управување во заштитеното подрачје. Притоа, ќе има соработка со сите заинтересирани страни за да обезбеди соодветна заштита на природните вредности и на условите за одржлив развој на руралните заедници и регионот, истакна Маре Басова, помошник-директорка на Секторот за одгледување, подигање, екологија и лов во ЈП „Национални шуми“.

„Осоговски Планини“ е првиот заштитен предел во државава со кој ќе управува ЈП „Национални шуми“, а за што се подготвува и првиот план за управување со него.

Фокусот на управување со заштитеното подрачје ќе биде да се зачува автентичниот осоговски предел и да се одржи хармонична интеракција меѓу природата и културата на живеење на локалното население.