Матурантката Александра Атанасова (18) од струмичката гимназија „Јане Сандански“, денеска пред љубителите на пишаниот збор и ликовната уметност имаше промоција на дебитантскиот роман „Зборовите на тишината“ и постави своја изложба на четириесетина ликовни творби во фоајето на Домот на АРМ во Струмица.

За романот првенец на Атанасова зборуваа нејзините професори, Владимир Eфтимов и Билјана Костадинова, кои истакнаа дека во услови кога матурантите се скратени од многу убави работи кои токму сега требаше да ги доживеат, Атанасова не дозволила збогувањето да биде онлајн, туку тоа се случува со промоција на нејзиниот роман.

– Со својот прв роман „Зборовите на тишината“ таа покажува едно чувство за чиста и прецизна нарација без непотребни ситници и без непотребно развлекување на дејството. Најчесто оди во центарот, директно на случувањата. Иако романот не е автобиографски, во ликот на Ребека многу го препознавам ликот на Александра. И двете се скромни, цртаат, пишуваат. Иако Ребека живее во голем луксуз, сепак живее за еден скап ден исполнет со љубов, за денот кога мајка и ќе седне до неа и ќе и раскаже убава приказна, ќе ја бакне и ќе заспие, рече професорката Костадинова.

Авторката Атанасова во обраќањето на промоцијата истакна дека романот почнала да го пишува на возраст од 14 години.

– Романот се испечати на мои 18 години. Можеби на моменти можат да се забележат тие детски размислувања, но кога дојде да се печати не сакав да менувам ништо, зашто сакав да го видам мојот литературен развој. Сметам животот е многу важно да се живее и секогаш духовното да ни биде пред материјалното. Кај мене секој збор крие тишина, но и секоја тишина крие зборови, рече младата писателка, Александра Атанасова.

Промоцијата на романот и изложбата на Атанасова беа во организација на Домот за деца и млади „Благој Мучето“ во Струмица, а настанот се одржа во рамки на програмата на манифестацијата „Струмица град на културата 2021“.