Библиотеката „Кочо Рацин” од Тетово денеска организираше свеченост на која беа доделени наградите за избраните најдобри учесници на традиционалниот литературен конкурс за најдобри поетски творби за ученици од основните училишта.

Првото место на македонски јазик го освои песната „На крилјата на поезијата“ од Михаил Спасовски, деветто оддление во ООУ „Александар Здравковски“ од Јегуновце. На албански јазик првото место го освои песната „Општество“ на Флорина Абдули, ученичка во ООУ „Дрита“ во Лисец.

-Ова прогласување на добитници на литературен конкурс за најдобри поетски творби за ученици од основните училишта по повод Светскиот ден на книгата 23 април, поради пандемијата го правиме со доцнење и со ограничен број на луѓе, истакна Резарта Дервиши, директорка на библиотеката.

-Песната „Крилја на поезијата“, ја напишав како тема на час, ненадејно излезе со мојата менторка и класна раководителка Ангелина Костовска. Таа ме поттикна да ја напишам песната и ме мотивираше да ја пратам. Не очекував дека ќе добијам прво место. Ова е моја прва награда и драго ми е што го освоив првото место и со мојата класна, изјави Михаил Спасовски, деветто одделение.

-Очекував дека ќе имаме награда бидејќи Михаил твори од шесто одделение. Тој е успешен во творењето, а посебно во глумата, учествувал во драмски претстави кои сме ги работеле да го претставиме училиштето, секогаш беше на висина на задачата, изјави Ангелина Костовска, наставничка по македонски јазик.

Покрај наградите за прво место, наградени беа по двајца ученици за второ место, по тројца за трето место, а беа доделени и благодарници за пофалени учесници и нивните ментори.