Родителите на деца со попреченост кои ќе тргнат во прво одделение да поднесат барање на стипендија, повикаа денеска надлежните од здружението „Инклузива“ од Куманово. Стипендијата изнесува 50 евра месечно.
– Објавен е повик за доделување стипендии за ученици кои ќе се запишат во прво одделение во учебната 2021/22 година. Ова е надоврзување на претходните повици. Досега имаме 322 стипендии од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ што го финансира ЕУ, а го имплементираат фондацијата „Чекор по чекор“, „Инклузива“ и „Хендимак“ од Тетово. Апелирме сите родители кои ќе запишат првачиња, а децата им имаат некој вид попреченост, да ги пополнат потребните документи и да ги пратат на нашите контакти, изјави Благица Димитровска од „Инклузива“.
Во рамки на проектот веќе се стипендираат 322 ученици, а годинава се очекува стипендија за дополнителни 150 ученици. Како дел од проектот ќе продолжи туторска поддршка за децата, која претходната година се спроведуваше онлајн. Воедно, можност да аплицираат ќе имаат училишта кои имаат запишано ученици со попреченост и ќе треба да ја приспособат училишната средина за потребите на децата.
Димитровска појаснува дека овие средства ќе бидат добредојдени за семејства кои имаат деца со попреченост, бидејќи нивните семејни буџети дополнително се оптоварени со средства кои се издвојуваат за лекарства, различни третмани, од логопед, дефектолози.
Од Куманово досега стипендија користат 22 ученика.