Заврши 5-от редовен Конгрес на Партијата за движење на Турците (ТХП), кој се одржа во Охрид. Конгресот едногласно за претседател на партијата го реизбра Енес Ибрахим. Исто така делегатите гласаа и за новото Централно Собрание на партијата.
Реизбраниот Ибрахим во своето обраќање истакна дека и во следниот период целта на ТХП ќе биде целосна имплементација на партиската програма која предвидува подобрување на позицијата на турската заедница во Македонија. Ибрахим им се заблагодари на делегатите за повторно добиената поддршка и потенцира дека ТХП ќе продолжи да биде силен политички субјект со јасна визија и цел.
Во рамките на Конгресот се одржа и работен дел составен од тематски комисии каде се утврдија идните политички чекори на Партијата. Меѓу темите кои се дебатираа се најдоа актуелните политички случувања, култура, образование на мајчин јазик и начинот на делување на престојните локални избори.
Конгресот се одржа со почитување на сите здравствени протоколи за заштита од Ковид 19 пандемијата.
Партија за движење на Турците (ТХП)