Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на новинарски прашања на настанот организиран од Конрад Аденауер, во однос на најновата афера која ја обелодени опозицијата а се однесува на изнуда од 250.000 евра од фирма која требала да добие тендер во РЕК Битола, вели дека информациите до нив ги доставил член на СДСМ со висока функција во владеачката партија.

- Ќе кажам нешто ексклузивно сега во Охрид, мислам дека ќе е интересно за целокупната јавност. Гледам дека веќе три дена наместо да се истражува Вице и раководството на РЕК Битола, кое што се обидело да направи рекет од 250 илјади евра, се гонат оние кои што условно кажано го информирале ВМРО-ДПМНЕ за овој криминал. Па видовме како маскирани полициски службеници и специјалци влегуваат во домовите на неколку инспектори кои се занимаваат со откривање на криминал и вршат претреси во присуство на нивните сопруги и деца што е недозволиво и потсетува на едни тоталитарни времиња.

Да им помогнам на СДСМ да престанат со овој начин на дејствување и наместо да ги гонат оние кои што наводно ги дале информациите треба да ги гонат тие што довеле да има ваков рекет од 250.000 евра, а не вака срамно да се однесуваат и да гонат луѓе, а ќе им помогнам ан начин што еве ексклузивно ќе кажам денес тука од Охрид дека информациите до ВМРО ДПМНЕ не стигнаа до вработени во Министерството за внатрешни работи ниту од инспектори кои гонат организиран криминал и корупција туку стигнаа од еден високо позициониран член на највисокото раководство на СДСМ кој што заради законот за заштита на укажувачи односно свиркачи не можам да го споменам со име и презиме, но повторувам информациите за криминалот во РЕК Битола и за рекетот во РЕК Битола стигнаа од високо позициониран член на најтесното раководство на СДСМ.

И втора работа која што сакам да ја кажам е дека во моментов ВМРО-ДПМНЕ поседува бројна документација за други афери и скандали од коруптивен карактер кои што ќе ги изнесеме во јавноста во следниот период кои што исто така се добиени од високо позиционирани лица во самиот врв на СДСМ.