Ќе кажам нешто локално, па ќе кажам и централно. Нормално е ние како опозиција да критикуваме, но мислам дека ова што се случува во дел на капитални инвестиции е навистина срамота и нема друг збор кој што може да се употреби. Јас се сеќавам на едни други времиња кога имаше натпревар помеѓу градовите па се зборуваше во кој град што се направило, па дел од граѓаните беа позадоволни, дел понезадоволни, а сега буквално камен не се става. Еве тргнете од Охрид автопатот започна да се гради во 2014 година, требаше да биде готов во 2018 година. Денес сме 2021 година, воопшто не се гледа крајот на изградбата на автопатот и скоро 3 и пол години нема никакви активности освен некои минимални зафати коишто ги имаме на автопатското решение. А да е проблемот уште поголем се уништи и постојниот магистрален пат Охрид—Кичево, така што не може да има нормален сообраќај, истакна Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на денешниот настан организиран од опозициската партија во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер.

- Костозголбната болница е готова 4 години и буквално треба да се отклучи и да се однесе опрема за да почне да работат докторите и медицинскиот персонал, истото не се прави. Базенот застана до таму каде што беше 2017 година, таму е и денеска и бројни инфраструктурни проекти на локално ниво.

На централно ниво скоро и да не гледаме камен дека се става, камо ли 7 милијарди да се инвестираат. Не знам од каде ги вадат бројките и како ја прават математиката, веројатно хартија трпи се, но реалноста е дека ништо не се случува и ни на истокот ни на западот на државата, ниту во Скопје, ниту во внатрешноста, едноставно нема капитални проекти. Требаше да се изгради експресен пат од Градско до Прилеп и после тоа да продолжи од Прилеп до Битола и да се отвори тој дел од централна Македонија, во 2017 година по промена на власта се прекина изградбата на овој експресен пат, се избрка изведувачот и сега ниту се гради патот, ниту некој го изведува.

Вториот пример е изведувањето на истокот, се изгради автопатско решение од Скопје до Штип, истото 2 години не се пушташе, откако се пушти требаше да се продолжи со експресен пат од Штип до Струмица. Каде што застана во 2017 година, таму е и денес.

Третото е изградбата до Бугарија, интензивно се градеше првата делница со германски изведувач која што беше запрена пред две години, нов изведувач нема, стариот се избрка. Така што овие амбициозни најави за 7 милијарди евра не знам од каде доаѓаат во услови кога 7 милиони евра не можат да реализираат, додаде Николоски.