Неполна година од смртта на претседателот на Планинарско-спелеолошкото друштво „Бистра“ од Кичево, Сашо Божиноски, беше организиран првиот меморијален марш од Кичево до месноста „Кадроец“, во близина на манастирските ливади во село Кнежино.

Меморијалниот марш беше одбележан и со откривање спомен плоча во чест на прерано починатиот Божиноски. Спомен плочата во месноста „Одаја“ ја открија неговиот син Стефан Божиноски и членот на планинарското друштво и негов личен пријател, Кочо Кочоски.

-Еве не овде на овој простор кој ние членовите на ПЕД „Бистра“ со години го нарекувавме „Одаја“, која по смртта на Сашо и по откривањето на спомен плочата се претвори во „Одаја на вечноста“, која му е посветена на популарниот „Ше“. Тој 24 години беше на чело на нашето друштво, еден од возобновителите на планинарството и зачетниците на спелеологијата на овие наши простори, рече меѓу другото секретарот Зоран Јованоски.

Тој се заблагодари на сите кои биле дел од овој меморијален марш посветен на Сашо, и нагласи дека за наредните години ќе бидат присутни и долгогодишни пријатели од планинарски друштва од државата.

На откривањето на плочата планинарите ги поздрави и претседателот на месната заедница на село Кнежино, Станко Китаноски, кој меѓу другото рече дека Кнежино со смртта на Сашо загуби пријател кој придонесе со убавините на овој крај да се запознаат голем број луѓе и надвор од Кичево и Кичевско.

Членовите на ПЕД „Бистра“ својата прва активност ќе ја имаат на денот кога се одбележува 78- годишнината од смртта на Рацин -13 јуни, кога го организираат традиционалниот планинарски марш до месноста Јама, местото на погибијата на великиот поет.