Центарот за социјални работи во Струга во соработка со полицијата од утре ќе почне акција за отстранување питачи од Чаршијата и струшките улици и нивно сместување во соодветни простории.
Ваквата одлука е донесена по средбата на директорот на Центарот, Мехмед Халили со градоначалникот на Општина Струга, Рамис Мерко и командирот на струшката полиција Абдулќерим Камбери.
– Центарот за социјални работи во координација со полицијата работи на планот како би се одвивала акцијата, изјави за МИА директорот Халили.
Проблемот со питачењето, според градоначалникот Мерко, предизвикува загриженост кај граѓаните во текот на целата година, но најизразен е во лето.
– Питачењето претставува загриженост во текот на целата година, но во летната сезона питачите ја окупираат Струга и ситуацијата станува уште потешка, вели Мерко.
Општина Струга апелира граѓаните да ја зачуваат својата солидарност кога станува збор за злоупотреба и развој на овој нелегален бизнис и да не им даваат пари на питачите.
Проблемот со питачењето години наназад се провлекува низ институциите, поради немањето простор за сместување на питачите, кои по многуте акции на полицијата за нивно отстранување повторно се враќаат во градот. Лицата кои питачат низ струшките улици најчесто немаат точно живеалиште, а најголем број се од Битола, Скопје и Штип.