Започнаа градежните работи за реконструкцијата на улицата „2” во беровското село Русиново. Од општината информираа дека активностите за подобрување на патната инфраструктура се дел од програмата за реконструкција на локални улици и патишта за 2021 година.
– Конкретно реконструкцијата на улицата „2” во село Русиново предвидува реконструкција на улицата во должина од околу 100 метри со ширина од 3,5 метри, а од двете страни е предвидено одводнување со поставување на каналите, истакнаа од општината.
Беровскиот градоначалник Звонко Пекевски, кој изврши увид во работите истакна дека со изградбата на оваа улица која е често користена и фреквентна, ќе се олесни пристапноста на жителите од село Русиново кои ќе добијат соодветна инфраструктура и подобар квалитет на живот.
– Паралелно се врши реконструкција на повеќе улици, со што во значителни размери ќе се подобри патната инфраструктура како во градот така и во населените места во општината, рече Пекевски.