Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево продолжува со сообраќајно-едукативните активности за запознавање на најмалите со основните правила и прописи за безбеден сообраќај. Во рамки на последната акција под мотото „Учиме заедно“ едукативни активности на оваа тема се реализираа со најмалите.

-Во организација на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево, а со поддршка на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и во соработка со општинските основни училишта „Св.Климент Охридски“ и „Ванчо Прке“, како и Полициската станица од Делчево се одржаа сообраќајно едукативни активности со нагледни предавања во рамки на сообраќајно превентивната акција „Учиме за сообраќајот“, информираа од ОСБСП Делчево.

Целта на оваа акција како што додадоа е запознавање на првачињата со основните правила и прописи во сообраќајот и сообраќајната сигнализација со одржување нагледни предавања на сообраќајниците со сообраќајната полиција.

-Преку оваа активност, децата, како една од најранливите категории учесници во сообраќајот, практично се запознаваат со правилната примена на изучените правила и прописи наменети за нивната возраст. Воедно, тие имаа изработено сообраќајни знаци и пораки преку кои ги потсетија возачите да бидат одговорни ученици во сообраќајот, да внимаваат на децата во сообраќајот и да ја намалат брзината при движење по сообраќајниците околу училиштата, додадоа од ОСБСП Делчево.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ја поддржа оваа акција обезбедувајќи сообраќајна песнарка, алки и приврзоци со пораката „Вози одговорно“.